Недостигот од квалификувани работници е жешка тема во Германија. Додека многу работни места остануваат непополнети поради ниски плати или лоши услови за работа, постојат и добро платени професии кои никој не сака да ги работи. Звучи парадоксално? И навистина е.
Германските медиуми издвојуваат пет такви професии кои, и покрај високите примања, остануваат непопуларни.
Месар – традиционална професија со добар заработувачки потенцијал
Работата на месарите не е лесна, а ракувањето со месо и со заклани животни не е за секого. И покрај тоа, потенцијалот за заработка е значителен: месарите можат да заработат и до 49.400 евра годишно. Сепак, професијата останува непопуларна поради специјализираните задачи и физичките напори.
Погребник – профитабилно, но избегнувано занимање
Работата на погребниците подразбира секојдневно соочување со смртта. Многумина го избегнуваат овој емотивен товар. Но, оние што се осмелуваат, можат добро да заработат – малите погребални служби или самовработените погребници заработуваат до 43.900 евра годишно.
ТВ-планер – организација во центарот на вниманието
ТВ-планерот, познат и како ТВ-дизајнер или програмски директор, се грижи за непречена организација на телевизиските продукции. И покрај можноста за годишна плата до 78.400 евра, професијата не е многу популарна поради неизвесната иднина на телевизиската индустрија и големиот стрес на работа.
Одвоз на смет – чистотата се исплатува
Многу деца сонуваат да се возат на камиони за смет, но професијата има лоша репутација, иако без неа секој град би западнал во хаос. Тие што работат на раководни позиции можат да заработат и до 91.300 евра годишно, како во берлинската компанија за управување со отпад. Дури и самите сметлари заработуваат околу 39.600 евра годишно. И покрај тоа, работата е непопуларна поради имиџот и физичките напори.
Свештенство – повик што носи добра плата
Свештениците и пасторите ја избираат професијата од убедување. Но, платите се прилично солидни: протестантските пастори и католичките свештеници во просек заработуваат околу 53.800 евра годишно, а највисоките позиции достигнуваат и до 85.400 евра. И покрај атрактивните примања, професијата на многумина им останува непривлечна, пишуваат германските медиуми.

