„Единство“ со празно столче: Вучиќ го бојкотираше Брисел, Косово доби „морков“, а Црна Гора напредува со сенка од минатото

Годишниот самит ЕУ-Западен Балкан, одржан оваа среда во Брисел, требаше да биде демонстрација на „сè посилни врски“ и посветеност на Унијата кон регионот. Сепак, наместо слика на заедништво, собирот беше одбележан со дипломатски демарш на Србија, контраверзии околу „подготвеноста“ на Црна Гора и олеснување за Косово.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, се обиде да наметне тон на итност, порачувајќи дека „само со надминување на минатото, Западниот Балкан може целосно да ја преземе својата улога“. Но, реалноста на теренот покажа дека минатото е сè уште и тоа како присутно.

Вучиќ: Дипломатска шлаканица за Брисел

Најголемата економија во регионот и клучниот политички играч, Србија, го остави своето столче празно. Претседателот Александар Вучиќ објави дека нема да присуствува – потег што говори многу за моменталната траекторија на Белград.

Иако Вучиќ беше во Брисел само недела дена претходно, тврдејќи дека најефективниот пат е сите земји да влезат заедно, неговото отсуство на самиот Самит укажува на длабок јаз. Вистинската причина за бојкотот не е само театар, туку конкретна фрустрација: Белград е незадоволен што повторно нема консензус за отворање на долгоочекуваниот Кластер 3 во преговорите.

Суштинскиот проблем останува одбивањето на Србија да се усогласи со надворешната политика на ЕУ кон Русија. Со овој бојкот, Вучиќ сигнализира дека нема да прифати лекции за усогласување додека продолжува со својот „балансирачки чин“ меѓу Брисел и Москва.

Црна Гора: Лидер на хартија, национализам на улица

Црна Гора беше посочена како „предводник“ во процесот и иден домаќин на самитот во јуни 2026 година. Земјата затвори пет поглавја, што е технички успех.

Сепак, предупредувањето на Кошта за „надминување на минатото“ звучеше шупливо наспроти настаните на теренот. Само еден ден пред самитот, на ѕидот на Амбасадата на БиХ во Подгорица осамнаа графити со кои се велича Ратко Младиќ, осудениот воен злосторник за геноцидот во Сребреница.

Ова отвора тешко прашање: Дали Црна Гора е навистина подготвена? Техничките критериуми во Брисел значат малку ако општеството сè уште е растргнато од глорификација на воени злосторници.

Укинати санкциите за Косово

Брисел понуди редок „морков“ за Приштина. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, објави „добри вести“ – укинување на казнените мерки воведени во јуни 2023 година (замрзнување на финансиска помош). Иако ова отстранува голема пречка за Косово, тоа не го решава главниот проблем – Косово останува единствената земја во регионот без статус на кандидат за членство во ЕУ.

Македонија и безбедносниот императив

Во делот на другите земји, Кошта нотираше дека Албанија ги отворила сите преговарачки кластери, БиХ ја усвоила Реформската агенда, а Северна Македонија презема чекори кон регионално поврзување.

Заклучокот од самитот е дека ЕУ конечно сфаќа оти стабилен Балкан е безбедносен императив, а не само бирократски проект, особено додека војната во Украина продолжува. Сепак, по повеќе од две децении чекање (од Солун 2003), останува прашањето: Дали геополитичката неопходност ќе се претвори во реален моментум или ќе остане само на зборови?