Во рамки на Програмата за социјална и здравствена заштита за 2026 година, Град Скопје започнува со доделување на еднократна финансиска помош за лицата кои се борат со онколошки заболувања. Оваа мерка има за цел барем делумно да ги олесни трошоците и да пружи поддршка на семејствата кои се соочуваат со најтешките здравствени предизвици.
Кој има право на помош?
Правото на оваа финансиска поддршка можат да го остварат сите граѓани кои имаат живеалиште на подрачјето на десетте скопски општини: Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир и Шуто Оризари.
Потребни документи за аплицирање
За да се оствари правото на помош, барателите треба да ја подготват следната документација (не постара од шест месеци):
- Барање (се пополнува во просториите на Градот или се презема од веб-страницата);
- Копија од лична карта;
- Медицински документ од надлежна институција со кој се потврдува дијагнозата;
- Потврда дека лицето спаѓа во категоријата онколошки пациент;
- Копија од трансакциска сметка.
Начин на поднесување
Документите се поднесуваат преку Архивата на Град Скопје во затворен плик. На пликот задолжително треба да стои назнаката: „Сектор за јавни дејности – Комисија за доделување еднократна финансиска помош за онколошки пациенти“.
„Ова е порака дека никој не е сам. Дека зад секоја борба стои некој кој верува, сочувствува и помага. И во најтешките денови постои рака што ќе ве поддржи“, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во својата порака до граѓаните, нагласувајќи ја солидарноста како клучна вредност на оваа иницијатива.
