Во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето за случајот „Онкологија“, во кој поранешниот директор Нино Васев и уште двајца лекари се товарат за несовесно лекување. На денешното рочиште беа сослушани тројца сведоци, членови на семејства на починати пациенти, кои дадоа искази за начинот на кој била спроведувана терапијата на Клиниката.
Исказите на сведоците понудија различна слика за третманот на клиниката. Првиот сведок детално опиша како неговата сопруга, по препораки од странство, почнала со хемотерапија кај доктор Васев, но и покрај редовното примање на терапијата и дополнителните зрачења, нејзината состојба постојано се влошувала. Слично искуство сподели и третиот сведок, кој посочи дека неговиот татко станувал се послаб со секој изминат месец од лекувањето, а краткотрајни подобрувања имало само при специфични терапии за мозокот.
Овие двајца сведоци најавија отштетни побарувања и се приклучија кон кривичниот прогон.
Од друга страна, вториот сведок изрази спротивно мислење. Тој пред Судот изјави дека е благодарен на доктор Васев, сметајќи дека пропишаната терапија и овозможила на неговата сопруга поквалитетно да ги помине последните години од животот. Овој сведок одби да бара отштета и не се приклучи кон гонењето на обвинетите.
Судскиот процес сега влегува во фаза каде клучна улога ќе имаат стручните мислења. За следниот месец е најавено сослушување на вешти лица од Словенија кои ги работеле медицинските вештачења за потребите на Обвинителството, додека во март се очекуваат искази и од вештаци од Србија.
Покрај обвинението за несовесно лекување на десетици пациенти, поранешниот директор Васев се соочува и со посебен предмет за злоупотреба на службената положба и финансиски малверзации со кои му е нанесена огромна штета на државниот буџет.

