Албанскиот премиер Еди Рама оствари работна средба со Иванка Трамп во Валона, по повод претстојната реализација на грандиозниот туристички проект на островот Сазан.
Средбата доаѓа откако владината комисија за стратешки инвестиции, предводена од Рама, даде зелено светло за изградба на луксузен ресорт вреден 1,4 милијарди долари.
Инвестицијата ќе ја реализира компанијата „Атлантик инкјубејшн партнерс“, сопственост на Џаред Кушнер, сопругот на Иванка Трамп.
Проектот предвидува трансформација на 45 хектари на островот Сазан, кој во минатото служел како клучна воена база и советско засолниште за подморници.
На вечерата во Валона, покрај ќерката на американскиот претседател, присуствуваа и меѓународни архитекти и членови на нејзиниот стручен тим, со што се означува почетокот на претворањето на оваа досега забранета воена зона во елитно туристичко место.

