Во раните утрински часови денеска, пожарникарите-спасители од Територијалната противпожарна единица Струмица успешно реализираа сложена спасувачка акција, при која извлекоа повредена девојка од провалија под Цареви Кули, на локалитетот викан „Црвен Дол“.
Како што информираат од службата, станува збор за исклучително тежок и непристапен терен, што дополнително ја отежнал интервенцијата. Во акцијата учествувале шест пожарникари-спасители со две теренски противпожарни возила.
За безбедно извлекување на повреденото лице била употребена специјализирана алпинистичка опрема, како и носила, по што девојката била успешно извлечена од провалијата.
По завршување на акцијата, повреденото лице било предадено на екипа на Итна медицинска помош за понатамошен третман.
На местото на настанот присуствувале и полициски екипи од СВР Струмица, кои преземаат дополнителни активности за расчистување на случајот.
