Одбројувањето започна, но надежта згаснува. Граѓанските активисти изразуваат отворен песимизам дека Северна Македонија и Албанија ќе успеат до 1 февруари да ги исполнат строгите препораки на УНЕСКО. Овој датум е означен како „црвена линија“ за да се спречи Охридскиот регион да заврши на неславната Листа на светско наследство во опасност.
Рокот кој УНЕСКО го постави во јули годинава се смета за последната шанса за двете земји, но според состојбата на терен, промените се одвиваат пребавно.
„Агресивниот бетон“ е главниот непријател
Драгана Карошва од иницијативата „Збогум Буково“ смета дека државата досега не покажала вистинска волја за решавање на клучниот проблем – неконтролираното градење.
„Државата досега не покажа сериозна намера да направи промени согласно препораките на УНЕСКО, особено кога станува збор за непланската и агресивна урбанизација на Охрид. Затоа не верувам во такви ветувања, но да видиме што ќе се случи. Сметам дека државата може уште утре да покаже намера за промени. Ние како граѓани тоа ќе го почувствуваме. Нема потреба да се чека 1 февруари. Искрената намера се препознава веднаш“, вели Карошва.
Идните генерации ќе нè прекоруваат
Екологот Константин Здравески појаснува дека УНЕСКО е свесен оти проблемите таложени со децении не можат да се решат за 7 месеци, но она што се бара е запирање на штетните урбанистички планови.
„Ако институциите останат инертни и не преземат барем малку од кажаното, Охридскиот регион сигурно ќе биде ставен на Листата на светско наследство во опасност. Тоа ќе има реперкусии во иднина, а идните генерации ќе нè прекоруваат што не сме презеле повеќе“, предупредува Здравески.
Тој потсетува дека УНЕСКО не е непријател на економскиот развој, туку организација во која сме влегле доброволно уште во 80-тите години.
„Наша одговорност е да ги следиме правилата и принципите на УНЕСКО, исто како што прават многу други земји. Ако не го сакаме ова, тогаш треба отворено да го кажеме“, додава тој.
Барање: Нула толеранција за дивоградбите
За активистите, патот е јасен. Првиот чекор мора да биде итно воведување на „нула“ толеранција кон дивоградбите. Тие бараат конечно да се стави крај на масовната и неконтролирана урбанизација во Охрид и Струга, како и итни мерки за намалување на загадувањето, доколку сакаме да го зачуваме статусот на заштитено подрачје.
