Православната црква денеска (20 декември) го чествува споменот на Свети Амвросиј Медиолански (Милански), еден од најголемите свети отци и учители на Црквата. Неговиот живот е исполнет со чуда уште од лулка, а останал запаметен како бестрашен пастир кој не се плашел да им се спротивстави дури и на најмоќните владетели.
Роден во високопоставено семејство, татко му бил царски намесник на Галија и Шпанија. Легендата вели дека додека бил бебе, рој пчели слетал на неговата уста, оставајќи мед пред да одлета – предзнак за неговата идна мудрост и „слаткоречивост“. Уште како дете, пророчки ја пружал раката велејќи: „Целивајте, бидејќи ќе бидам епископ“.
Од гувернер до епископ – по гласот на едно дете
Неговиот избор за епископ е една од најпознатите приказни во христијанската историја. Амвросиј првично бил световен владетел – царски намесник во Лигурија (со седиште во Милано).
Кога починал тамошниот епископ, настанала голема расправија меѓу православните и еретиците за изборот на наследник. Амвросиј отишол во црквата службено, за да одржува ред. Во тој момент, едно дете од толпата извикало: „Амвросиј – епископ!“.
Народот ова го прифатил како Божји глас. Иако тој се противел, бил едногласно избран. Се крстил и за само една недела ги поминал сите чинови додека не бил ракоположен за епископ.
Автор на химната „Тебе Бога Те фалиме“
Како епископ, Свети Амвросиј станал столб на православието:
- Ги потиснал ересите и ја зацврстил верата;
- Ја составил познатата благодарствена песна „Тебе Бога Те фалиме“;
- Живеел строг подвижнички живот – спиел малку, работел многу и постел секој ден освен сабота и недела.
Бог го дарувал со моќ да лекува болни, да изгонува демони и да ја гледа иднината. Тој ги открил и моштите на светителите Протасиј, Гервасиј, Назариј и Келсиј.
Бестрашен пред моќниците
Свети Амвросиј бил познат по својата праведност – кроток кон обичните луѓе, но бестрашен пред власта.
- Јавно ја изобличил царицата Јустина поради ерес;
- Го проколнал тиранинот Максим;
- На моќниот цар Теодосиј му забранил влез во црква сè додека царот искрено не се покајал за своите гревови.
Се упокоил мирно во 397 година, оставајќи зад себе огромно духовно наследство и пример за тоа како се брани верата и правдата.
