Татко на загинат син во „Пулс“: Тоа беше најтешката ноќ во нашиот живот

Во емотивно гостување во Отвореното студио на 4ТВ.мк, Кире Димитриев, татко на загинат син во трагедијата во дискотеката Пулс, ја опиша тажната ноќ кога го загуби својот син и шокот кој го претрпе целото семејство.

„Бев дома и морам да кажам дека сите претходни вечери не спиев добро, ама таа вечер не знам зошто, се успиев многу мирно. Околу 4 часот наутро беше 16 март, кога се случи трагедијата“, раскажа Димитриев.

Тој ја опиша сцената кога дознал дека неговиот син, заминал во дискотеката, и како веднаш заедно со семејството се упатиле кон болницата. „Влеговме во интерното одделение, и веднаш слушнав страшен крик. До вториот кревет го видов мојот син. Не можев да го прифатам тоа, телото беше веќе без знаци на живот“, рече таткото.

Димитриев ја опиша и хаотичната ситуација во болницата, присуството на полицијата и медицинскиот персонал, како и стравот и шокот на родителите на загинатите деца. „Себе ми се сроши. Таму го поминав целиот ден, надвор на воздух, не знаев што да правам. Бројката на загинати надмина 50 лица“, додаде тој.

И покрај огромната тага и болка, Димитриев истакна дека следниот ден се родило внуче во семејството. „Не знаевме дали да плачеме за загубата на синот или да се радуваме за новороденчето. Тоа беа многу тешки моменти“, рече тој.

Говорот на Кире Димитриев ја потврдува неизмерната болка и траумата на семејствата погодени од трагедијата во дискотеката „Пулс“.